Top Sport

Лев: Французите имаат многу посилен напад од Англичаните

Франција ќе има далеку повеќе „муниција“ од Англија во 0:0 ремито минатата недела, смета германскиот селектор Јоаким Лев пред пријателскиот меч во вторник против соседите.

Светските шампиони немаат домашна победа против Франција веќе 30 години и Лев, чиј експериментален тим одигра 0:0 на Вембли против Англија во петокот, ги предупреди своите играчи дека Франција има „напаѓачи од светска класа“.

„Ќе биде многу поинаку отколку против Англија. Франција има поголем квалитет во нападот. Можете да ги тргнете половина од нивните играчи и повторно да имате напад од светска класа“, изјави Лев.

Во францускиот напад меѓу другите се Килијан Мбапе, Антоан Гризман и Оливие Жиру, кој нема да стартува поради повреда.

„Имаат неколку повредени, но ќе бидат многу поопасни од Англија во петокот. Мораме да бидеме подготвени“, вели Лев.

Тој додаде дека ќе стартува со голманот на ПСЖ Кевин Трап на местото на Марк-Андре Тер Штеген, иако тој беше одличен против Англија. Првиот голман, Мануел Нојер е во аут поради повреда. Тони Крос и Сами Кедира ќе останат во средината. Германија ги заврши квалификациите за СП со совршен скор, победувајќи во 10 меча, и уште немаат пораз оваа година по победата на Купот на Конфедерации во јули.

Scroll to Top