И покрај тоа што веќе има 35 години, Мануел Ноер може да остане прв голман на германската репрезентација „уште неколку години“, вели селекторот Јоаким Лев.
Кариерата на Ноер трае фантастични 17 години, период во кој освои огромен број на титули со Баерн Минхен, а со Германија го освои Светското првенство. Лев, пред денешниот меч со Романија (во нашата квалификациска група) вели дека нема причина да се менува првиот избор.
„Во моментов тој дава одлични перформанси. Наполни 35 години, имаше фантастична кариера, но останува мотивиран, има големи цели и сака да оди на титули. Затоа, може да остане на ова ниво уште неколку години“, вели Лев.
Ноер има голема конкуренција на голот – тука е ѕвездата на Барселона, Марк-Андре Тер Штеген, кој е негова замена со години, а во игра се и Бернд Лено од Арсенал и Кевин Трап од Ајнтрахт Франкфурт.