Минхенски Баерн планира по завршувањето на Светското првенство во Русија за нов тренер да го именува актуелниот германски селектор Јоаким Лев, тврди весникот „Билд“.
Челниците на Баерн се надеваа дека и наредната сезона ќе го задржат на клупата Јуп Хајнкенс, кој во септември се врати од пензија и го наследи Карло Анчелоти, но тој ја одби таа можност.
Баварците планираат да го убедат Лев по завршувањето на Светското првенство, на кое Германија ќе ја брани титулата, да го преземе тимот, откако тој пред два месеци одби да биде наследникот на Анчелоти.
До сега како кандидати за нов тренер на Баерн најчесто се споменуваа имињата на актуелниот тренер на Хофенхајм, Јулијан Нагелсман, и екстренерот на Борусија Дортмунд, Томас Тухел.