Селекторот на Германија, Јоаким Лев признава дека неговата репрезентација не била доволно добра да влезе во осминафиналето на Мундијалот по елиминацијата во групната фаза, но не си даде оставка, иако знае дека е можно да остане без работа.
Германија освои само три поени од можните девет во Русија, победувајќи ја Шведска по истекот на 90-те минути со голот на Тони Крос. Лев веќе 12 години е на чело на „маншафт“, но по најлошиот резултат од 1938 година, можно е да биде отпуштен.
„Дали ќе си заминам? Прерано е да се одговори тоа прашање. Разочарувањето е премногу свежо. Не замислував дека можеме да завршиме вака. Бев оптимист, а сега ми е потребно време да размислам. Утре пак ќе зборуваме“, изјави Лев.
Тој немаше изговор за слабите игри на Германија, признавајќи дека биле послаба селекција од Шведска и Мексико.
„Во моментов е тешко да се каже зошто бевме елиминирани. Разочарувањето е огромно, но не заслуживме да бидеме светски шампиони повторно, не заслуживме да бидеме ниту во осминафинелто. Против Кореја ни недостасуваше леснотија во играта и класата која обично ја покажуваме“, додава Лев.
Фото: ЕПА