Top Sport

Лион ја тужи Лига 1

Фудбалскиот клуб Лион покрена две тужби со кои бара да се преиспита одлуката на француската лига која пред две недели прогласи крај на сезоната. Поради ваквата одлука Лион прв пат по речиси 25 години нема да игра во европските купови. Лион прекинатата сезона ја заврши на седмото место.

„Долго време размислувавме дали да постапиме на овој начин. Ние сме компанија присутна на берзата, поради тоа поднесовме тужби до судот во Париз. Парите не се најголемата грижа на Лион. Овој клуб од дното успеа да стигне до врвот“, изјавил претседателот на Лион Жан-Мишел Ола.

„Најпрвин бараме да биде преиспитана можноста сезоната да продолжи. Одлуката на министерот за спорт е базирана врз датумот 3 август, кој не постои кај УЕФА. Заедно со премиерот Филип и министерот за здравство Веран можеме детално да ги разгледаме медицинските протоколи и донесеме одлука дали сезоната може да продолжи“, појаснил Ола.

„Втората тужба се однесува на начинот на кој е прекината лигата и на начинот на кој што се пресметани конечните позиции, сакаме да видиме дали тоа е легитимно…Мораме да ги анализираме работите, да видием дали со оваа одлука им е нанесена штета на клубовите. Во моментов не разговараме за тужби и барања за финансиски надомест…Не се работи за милионите, овде станува збор за одлуки кои се од интерес на сите“.

Најголем проблем за Лион претставува фактот што најдобрите играчи имаат договори кои им овозможуваат да заминат доколку клубот не избори пласман во европските купови.

Scroll to Top