Доколку Мемфис Депај и Карл Токо Екамби ги оствареа своите шанси во првите минути од мечот со Баерн Минхен, ќе гледавме прво француско финале на Лигата на шампионите, но наместо тоа Лион се враќа во Франција со празни раце – без пласман во ЛШ следната сезона поради што најверојатно ќе ги загубат клучните фудбалери ова лето.
Кога Лига 1 предвремено заврши, Лион беа само седми на табелата со што не успеаја да влезат ниту во Лига Европа, и сега најверојатно ќе се „мета“ на големите клубови кои сигурно ги забележаа најсилните поединци во тимот на Руди Гарсија.
22-годишниот фудбалер од средниот ред, Хусем Ауар беше еден од најдобрите во Олимпик оваа сезона и француските медиуми тврдат дека ова беше последен меч за него во дресот на Лион по интересот на Арсенал.
Друг фудбалер кој е на „излезна врата“ е Муса Дембеле, човекот кој постигна 24 гола оваа сезона и спортскиот директор и легенда на клубот, Жунињо признава дека е можен егзодус.
„Секако, ќе има заминувања, но не сме загрижени. Кога имате момци како Муса и Хусем кои играат одлично во Лигата на шампионите, тогаш морате да ги стегнете забите и да се квалификувате за ЛШ следната сезона. Целта е веднаш да се продолжи на таа мисија. Мораме да продолжиме“, вели Жунињо.
Лион нема да имаат многу време за одмор, бидејќи Лига 1 се рестартира овој викенд, а Лион првиот меч го играат следната недела.