Top Sport

Ливерпул ќе трошат како Јунајтед, но само за вистински играчи

Ливерпул се подготвени да трошат милиони исто како Манчестер јунајтед, но само за вистински играчи, вели менаџерот Јирген Клоп пред гостувањето на „Олд Трафорд“ на големото англиско дерби.

„Црвените“ ќе се судрат со Јунајтед во пресметка за второто место, и англиските медиуми решија да направат споредба на различниот начин на кој се засилуваат двата клуба, односно стратегиите на Јирген Клоп и Жозе Мурињо.

Откако стана шеф на Јунајтед Мурињо потроши 312 милиони фунти, со нето-трошок за клубот од 260 милиони фунти, додека Клоп, кој осум месеци подолго е на „Енфилд“ има зачудувачки 4 милиони фунти профит по сите трансфери. Голема заслуга за ова има продавањето на Филип Кутињо во Барселона, но и Ливерпул потроши 70 милиони фунти за дефанзивецот Виргил ван Дајк од Саутемптон, што според Клоп е доказ дека Ливерпул е подготвен за „игра“ со големите момци во англискито фудбал.

„Се работи за тајмингот – да се направи вистинската работа во вистинско време. Ако играчот е вистински, тогаш нашиот клуб ќе плати големи пари. Клубот ќе направи сè што е потребно, и сопствениците се подготвени за тоа.  Ако не е вистинскиот играч, тогаш нема да има вистинска цена. Кога е вистинскиот не е важна цената“, вели Клоп.

Ова доаѓа откако при враќањето на Пол Погба во Манчестер јунајтед за околу 100 милиони евра, Клоп го критикуваше Јунајтед велејќи дека не е потребно да се трошат толку пари за само еден играч.

Фото: ЕПА

Scroll to Top