Ливерпул е „гладен“ за ново финале од Лигата на шампионите, откако по првите 45 минути од четврт-финалето против Порто имаат 2:0 водство, додека англискиот дуел на новиот стадион во Лондон помеѓу Тотенхем и Манчестер сити донесе интересен фудбал, одбранет пенал, но не и голови.
Ливерпул дојде до рано водство уште во петтата минута, кога по една убава акција, ударот на Наби Кеита од работ на шестнаесетникот „закачи“ одбранбен фудбалер на Порто и го „излажа“ Икер Касилјас на голот. Водството беше удвоено во 26. минута, кога Боби Фирмино по убавата асистенција на Трент Александер-Арнолд лесно ја уфрли топката во голот.
На новиот прекрасен стадион на Тотенхем исто така имаше интересен старт, кога гостите добија пенал во 11. минута по играњето со рака на Дени Роуз во шестнаесетникот, но францускиот голман Иго Љорис го „прочита“ Серхио Агуеро и ја одбрани топката. Сити, стандардно, имаше поголем посед на топката, но поконкретни во нападот беа Тотенхем, кои имаа убава шанса преку Хери Кејн по 20-тина минути игра.