Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, во пресрет на финалето во Лигата на шампионите, денес одржа прес конференција. Ливерпул, на 1 јуни во Мадрид, за титулата ќе се бори со англискиот ривал Тотенхем.
„Сите сме возбудени што повторно имаме шанса да играме во финалето. Веројатно имаме повеќе искуство, но тоа во овој момент не прави никаква разлика. Важно е да успееш во финалето да ги примениш работите кои ти овозможиле да стигнеш дотука. Досега одлично успевавме да ги контролираме емоциите“, рекол на почетокот на своето обраќање пред новинарите германскиот тренер.
Клоп потврдил дека Наби Кеита нема да игра во финалето, додека очекува во тимот да биде Роберто Фирмино.
„Нема шанси Наби да игра. Рехабилитацијата се одвива добро, но ќе видиме дали ќе се опорави до почетокот на Африканскиот куп. Од друга страна Боби тренираше со нас. Потоа малку го одморивме, а утре повторно ќе тренира со екипата. Она што го видовме досега е добро“.
Финалето в сабота ќе биде трето за Клоп во Лигата на шампионите. Во претходните обиди не успеа да ја освои титулата, со Борусија Дортмунд загуби од Баерн Минхен, а лани Реал го порази Ливерпул.
Поради тоа мораше да одговори на прашањето кој е најдобриот тим што го тренирал и дали евентуалната победа над Тотенхем ќе биде најдобриот момент во неговата кариера.
„Не сакам да ги споредувам своите тимови. Ги сакам сите и секогаш сите давале се од себе не теренот. Но, никогаш претходно не сум стигнал до финале со подобра екипа, тоа е сигурно. Најдобар момент во мојата кариера беше кога се пласиравме со Мајнц во Бундес лигата, а сјано би било доколку би ја освоил Лигата на шампионите“.
На крајот тој со комплименти зборувал и за противникот во саботното финале.
„Ова е право европско финале. Ова не е трет натпревар што сезонава ќе го одиграме против Тотенхем. Ова е финале во Лигата на шампионите. Разликата помеѓу нас и Тотенхем оваа сезона беше во константноста. Два пати ги победивме со 2:1. Дома имавме многу среќа и победивме во финишот. Мислам дека емоциите во овој меч ќе бидат поинакви. Мораме во вистинско расположение да влеземе во мечот. Знаеме дека ќе биде тешко. Во фудбалот секогаш има моменти кога ќе ве „погледне“ среќата или кога ќе ви го сврти грбот. Секогаш мора да знаеш како треба да реагираш. Ние и Тотенхем сме тимови со сличен квалитет. И претходно знаевме многу работи за Тотенхем, а сега имавме три недели за подготвки. За три недели можев да го дознам и името на човекот што го одржува теренот во Барселона“, рекол Клоп.
Финалниот меч во Лигата на шампионите на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид ќе се одигра на 1 јуни со почеток во 21 часот.