Top Sport

ЛШ финале: Малку фудбалска акција, но Ливерпул влегува со предност во второто полувреме (видео)

Ливерпул има предност од 1:0 против Тотенхем по првите 45 минути во финалето на Лигата на шампионите, по голот постигнат од пенал на стартот на мечот, по што одгледавме едно полувреме без многу фудбалска акција, во која сите обиди на Тотенхем да дојде до израмнување беа неуспешни.

Само што започна мечот на „Ванда метрополитано“, „црвените“ беа во предност, откако Сисоко направи еден невнимателен потег, кога ја „спушти“ топката со рака во својот шестнаесетник, а судијата Дамир Скомина не се двоумеше и веднаш покажа на белата точка. Мохамед Салах беше безмилосен од 11 метри, удирајќи силно по средината на голот.

По оваа предност, Ливерпул како да ја предаде иницијативата на клубот од Лондон, дозволувајќи Тотенхем да има над 60 отсто од поседот на топката, но без многу резултат.

Во 10-тата минута, Сисоко можеше да се „оправда“ за пеналот по продорот на Сон, но неговиот обид заврши над голот. Ливерпул вратија во 17. минута преку добар обид на Александер-Арнолд, но и тој беше непрецизен.

Најдобрата шанса Ливерпул ја имаа во 38. минута, кога Робертсон упати убаво нафрлање, но Лорис беше на место и ја префрли топката над пречката. Финишот на полувремето им припадна на Тотенхем, кои повторно преку Сон имаа добра шанса во 46. минута.

Секако, очекуваме многу подобро второ полувреме.

Scroll to Top