Илјадници навивачи на Атлетико излегоа на улиците во Мадрид за да ги поздрават фудбалерите, кои во средата, ја освоија титулата во Лига Европа.
Атлетико, во Лион, го победи Олимпик Марсеј 3-0 со головите на Гризман (два) и Габи и го освои третиот трофеј во Лига Европа, во последната деценија.
Фудбалерите во панорамски автобус поминаа низ главните улици на шпанската метропола, а крајот на прослвата се случи кај фонтата Нептун, местото каде што Атлетико традиционално ги прославува своите успеси.
Навивачите посебно го поздравија секој играч и го повикаа Антоан Гризман да остане во клубот.
Покрај Гризман, најмногу овации добија Фернандо Торес, кој заминува од клубот и тренерот Диего Симеоне.
Играчите, тренерите и челниците на клубот пред да ја започнат победничката парада низ градските улици остварија средба и со градоначалникот на Мадрид.
Претседателот на клубот Енрике Серезо, по состанокот во градската куќа, оптимистички предвидел дека „Атлетико наредната година ќе го игра финале во Лигата на шампионите на својот стадион“.