Ромелу Лукаку вели дека постигнувањето голови е неговата „дрога“, откако во разговор со Тјери Анри преку Инстаграм зборуваше и за животот во Интер, партнерството Лаутаро Мартинез и неговиот идол, бразилскиот Роналдо.
Белгиецот си замина од Манчестер јунајтед минатото лето, за да импресионира на „Сан Сиро“ пред сезоната да биде прекината поради корона вирусот.
„Добар сум, работиме напорно, трчам по мојот син. Тешко е, ми недостасува натпреварувањето, тренинзите, играњето пред навивачи. Во моментов ја анализирам мојата игра и тоа што го направив во последните шест месеци за да додадам уште нешто во мојата игра. Тоа е планот. Сакам да бидам човк кој има многу голови во сезона – 25 гола, 10 асистенции, тоа е совршено. Не е лесно. Потребни ми се Лаутаро и Алексис Санчез, но за среќа работиме добро заедно. Головите се мојата работа, мојата дрога, и живеам за тоа. Со Лаутаро се најдовме веднаш, помогна тоа што знаев да зборувам шпански“, вели Лукаку.
Тој додава дека ги следел Интер како дете и дека Роналдо и Адријано му биле омилени фудбалери.
„Тоа беше мој тим во Италија поради Роналдо и Адријано, така што беше мало остварување на сонот. Р9 играше таму кога имав шест или седум години и тоа ми е едно од првите сеќавања од фудбалот. Финалето на Купот на УЕФА, Светското првенство и потоа Роналдо се повреди, но се врати во 2002. Тука беше и ти (Анри), Дрогба, Адријано. Никој не играше така“, додава Лукаку.