Top Sport

Маестрото Кутињо го „носи“ овој тим на Бразил

Бразил се пласираше во осминафиналето на Мундијалот во Русија без многу драма, оставајќи ја таа на Аргентинците и на Германците, откако со рутинска 2:0 победа над Србија го обезбеди првото место и дуел со Мексико во првата нокаут рунда. И сето тоа на „грбот“ на Филипе Кутињо.

Мундијалот започна со тешкото 1:1 реми против Швајцарија (во кое постигна гол Кутињо), по што дојде уште потешката 2:0 победа над Костарика во последните минути на мечот (каде што повторно мечот го „скрши“ Кутињо), за против Србија да проработи „линијата на Барселона“ во нападот на „селесао“ – Кутињо совршено го најде Паулињо за 1:0 во 36. минута од мечот.

Бразил додаде уште еден гол преку Тијаго Силва, но јасно е дека тивкото момче Кутињо станува првата ѕвезда на својата репрезентација, иако сите пред турнирот тоа очекуваа да биде Нејмар.

Со тоа се согласува и славниот Кака, кој вели дека Филипе Кутињо може да биде човекот на кој Бразил ќе ја „гради“ титулата.

„Нејмар е нашиот најдобар фудбалер и Тите добро го менаџира додека се опоравува од повредата. Но, затоа тука е и Филипе, кој човекот на одлука во оваа селекција на Бразил“, изјави Кака пред мечот со Србија.

Scroll to Top