Top Sport

Македонија го „урна“ фаворитот Белгија! (ОБНОВЕНО)

Македонската репрезентација до 19 години се пласираше во квалификациите за ЕП, откако во вториот меч од претквалификациите со 2:1 ја совладавме фаворизираната Белгија.

Мечот не започна најдобро за тимот на селекторот Вујадин Станојковиќ, откако  Дам Фулон уште во десеттата минута донесе водство за „ѓаволите“. Левиот бек на Белгијците го совлада Стевковски откако истрча 50 метри, а потоа ја закова топката во мрежата.

На голот му претходеше првата вистинска шанса за Македонија, која не успеа да ја реализира Чурлинов.

Меѓутоа, талентот на германски Келн, Дарко Чурлинов потоа го пронајде одлично Елиф Елмас (инаку член на Фенербахче) за израмнување во 24. минута.

До крајот на првиот дел Елмас имаше можност да направи целосен пресврт, но во ситуација кога беше сам пред голманот Се Смет направи потег повеќе, па неговиот удар стигна да го изблокира Бурсенс.

Во самиот финиш на првото полувреме Македонија постигна гол преку Митровски, но истиот беше поништен поради офсајд.

Македонија ја контролираше играта во првата половина од второто полувреме, а најсериозната шанса за постигнување на гол повторно ја имаше Елмас. Играчот на Фенербахче одново се најде „очи во очи“ со Де Смет кој го одбрани неговиот удар.

Потоа Белгија целосно ја презеде инцијативата, но силниот притисок и трите добри шанси кои ги создадоа не успеаја да ги материјализираат.

На пет минути до крајот поради вториот жолт картон беше исклучен капитенот на Белгија Ферстрате. Тога Македонија повторно воспостави рамнотежа на теренот.

 

Во 87.минута Чурлинов беше соборен во шеснаесетникот на Белгија, а главниот судија покажа на белата точка. Егзекутор беше Атанасов кој го постави конечниот резултат.

По победата од 2:1 над Швајцарија, Македонија сега е на првото место со шест поени, додека Швајцарците и Белгијците имаат по три. За комплетирање на успешниот квалификациски циклус, Македонија има уште еден натпревар со аутсајдерот Лихтенштајн, кој ќе се одигра во вторник од 13 часот во комплексот на ФФМ.

Scroll to Top