Тренерот на Ал-Аин, Зоран Мамиќ е сигурен дека неговиот тим може да направи изненадување во финалето на Светското клупско првенство против Реал Мадрид, споредувајќи дека понекогаш смарт автомобил може да претекне и „Мерцедес“.
Ал-Аин направи сензација исфрлајќи ги Ривер Плата во полуфиналето на пенали, но тимот од ОАЕ останува апсолутен аутсајдер против европскиот гигант.
„Реал се најголемиот тим на светот, но понекогаш смарт автомобил ќе победи ’Мерцедес’. Заслужуваме да бидеме во финалето и мотивирани сме да покажеме добра игра. Реал Мадрид ќе дадат сѐ, но притисокот ќе биде кај нив. Сепак, се надевам бидејќи играме на нашиот стадион дека домарот ќе го намали нашиот гол“, вели Мамиќ.
Тој вели дека ќе разговара со неговиот сонародник Лука Модриќ пред мечот во сабота во 17.30 часот.
„Ќе зборувам со Лука, тоа е сигурно. Бидејќи има освоено толку многу работи во кариерата, ќе му кажам да ни попушти“, додава Мамиќ, кој инаку е брат на контроверзниот Здравко Мамиќ, поранешниот прв човек на Динамо Загреб, за кој Модриќ беше еден од сведоците при неговото судење.
Фото: ЕПА