Top Sport

Манчестер јунајтед без ривали, но само на социјалните мрежи

Манчестер јунајтед оваа година се далеку зад градските ривали Манчестер сити на теренот и на табелата во Премиер лигата, но уште немаат вистински ривали на социјалните мрежи.

Гигантите од „Олд Трафорд“, кои во јануари според „Делоит“ станаа најбогатиот клуб на светот, сега се и на врвот на рејтингот по социјалните мрежи во Премиер лигата, во извештај подготвен од  „Њутон инсајт“.

Јунајтед се на првото место пред Манчестер сити, Челси, Арсенал, Ливерпул, големото изненадување Хадерсфилд таун и Тотенхем. Јунајтед имаа 73.7 милиони следбеници на Фејсбук во 2017, 16.5 милиони фанови на Твитер и 20 милиони фанови на Инстаграм. Сити од друга страна заостануваат далеку – 29 милиони на Фејсбук, 5.5 милиони на Твитер и 5.9 милиони на Инстаграм. Јунајтед исто така се на врвот според бројот на следбеници на кинеската социјална мрежа Веибо со дури 9.2 милиони следбеници.

Фановите на „Ѓаволите“ се дури 30 отсто од сите следбеници на Премиер лигата, а клубот има 40 отсто од сите интеракции на социјалните медиуми во 2017.

„Најдобриот начин да се опише приодот на Манчестер јунајтед кон градење на глобалната база на фанови е ’без застанување’. Клубот не се брани од другите ривали, туку оди со поголема брзина напред. Имаат повеќе ресурси за да ги исполнат своите амбиции, но во исто време имаат и креативна содржина“, се вели во извештајот.

Што значи играњето во Премиер лигата покажува примерот на новите прволигаши Хадерсфилд. Нивните 113.000 фанови на Фејсбук може изгледаат смешно, но тоа претставува 80 отсто раст, додека на Инстаграм оваа сума е 800 отсто. Хадерсфилд имале 18.000 постови на мрежите, со што се само зад Челси, Јунајтед и Сити.

„Помалите клубови немаат финансиска сила за натпреварување, но примерот на Хадерсфилд покажува дека може да се шири вашата база на фанови на поинаков начин“, се додава во извештајот.

Scroll to Top