Манчестер јунајтед се согласиле да платат 1.35 милиони фунти за младиот напаѓач на Манчестер сити, Чарли Мекнил, враќајќи го талентот кој својата кариера ја започнал токму на „Олд Трафорд“.
17-годишниот Мекнил ја започнал фудбалската приказна во академијата на Јунајтед, но пред шест години потпишал договор со Манчестер сити. Сега, тој одбил да потпише професионален договор со „граѓаните“ бидејќи не добивал доволно место во У-18 тимот и се враќа во матичниот клуб.
Сити би добиле и одреден процент од можната идна продажба на Мекнил, кој наводно постигнал над 600 голови во јуниорските категории. Мекнил ќе ја започне сезоната со У-18 тимот на Јунајтед, но бргу може да биде преселен во У-23 тимот кому му недостасува напаѓач.
Јунајтед последните години вложуваат многу средства во својата академија, носејќи таленти од целиот свет – Ханибал Межбри беше донесен од Монако за 10 милиони евра минатата година, додека оваа година пристигнаа Марк Журадо од Барселона, Алваро Фернандез од Реал Мадрид и Алехандро Гарначо од Атлетико Мадрид.