Top Sport

Манчестер Сити ја избра Албанија

По примерот на бројните академии ширум светот, Манчестер Сити ќе отвори фудбалски центар за развој на таленти во Албанија, во Драч.

Добра вест за Албанците, соопшти премиерот на земјата, Еди Рама.

Сити на тој начин ќе го прошири своето влијание на Балканот, бидејќи веќе има инсталирано свои академии во Англија, Шпанија, Франција, Италија, Белгија, САД, Австралија, Јапонија, Уругвај, Индија и Кина.

Во Сити го препознаа подемот и инвестициите на Албанија во фудбалот, но и успехот на репрезентацијата, која неодамна се пласираше на уште едно големо натпреварување – Евро 2024 година.

Исто така, Тирана се покажа како успешен домаќин на финалето на Конференциската лига.

Во Сити веруваат дека оваа земја е вистинското место за проширување на мрежата на фудбалски центри каде што можат да ги регрутираат најталентираните момчиња.

„Отворањето на фудбалската академија во Драч е важен момент за развојот на спортот во Албанија и доаѓа по возбудливата година во која нашата репрезентација избори учество на Европското првенство. Академијата на Манчестер Сити е нов извор на позитивна енергија за нашата земја и му благодарам на англискиот клуб што не избра за тој проект“, изјави Рама.

Стартувањето на фудбалската академија во Албанија преку официјално соопштение го потврди и самиот клуб.

Scroll to Top