Газдите на Манчестер сити се подготвени да му дадат на Пеп Гвардиола 200 милиони фунти за засилување на тимот во текот на летото, а една од првите цели на тренерот ќе биде поранешниот фудбалер на градските ривали, Ромелу Лукаку од Интер, тврди „Телеграф“.
Сити, дефинитивно се во трката за титулата оваа сезона со четири поени зад лидерите Манчестер јунајтед со натпревар помалку, но околу тимот на Гвардиола има неколку дилеми, во нападот и одбраната, бидејќи Серхио Агуеро, Фернандињо и Ерик Гарсија ќе можат да си заминат со бесплатен трансфер во текот на летото.
Според „Телеграф“, Гвардиола посакува нов напаѓач, нов лев бек и нов играч од средниот ред во текот на летото, а најголема дилема е кој ќе биде наследникот на Серхио Агуеро, кој уште не одлучил дали ќе продолжи со Сити. Бидејќи веќе има 33 години, за Агуеро се бара и долгорочна замена, а во игра се Лукаку, ѕвездата на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд и Дарвин Нуњез од Бенфика.