Top Sport

Манчестер сити со извинување до Ливерпул за свирежите за Хилсборо

Манчестер сити официјално се извинија на Ливерпул, откако дел од нивните навивачи ја прекинаа минутата молк за одбележување на трагедијата на Хилсборо пред нивното вчерашно полуфинале од ФА купот на „Вембли“.

Мечот започна со минута молк за 97-те навивачи на Ливерпул кои загинаа пред полуфиналето на ФА купот против Нотигнгем форест во 1989 година, но моментот беше расипан од дел од навивачите кои свиркаа.

„Манчестер сити се екстремно разочарани од однесувањето на дел од навивачите на Сити при минутата молк пред мечот против Ливерпул. Клубот искрено се извинува на сите кои се поврзани со Ливерпул ФЦ“, објавија од Сити.

По мечот, со изјава се јави и Пеп Гвардиола, менаџерот на Сити.

„Ова не е Манчестер сити. Ние сме блиски со Ливерпул поради трагедијата која се случи пред повеќе години. Ние сме покрај нив, свирежите не го претставуваат нашиот клуб“, изјави Гвардиола.

Scroll to Top