Новиот италијански селектор, Роберто Манчини, вели дека има доверба во Марио Балотели, бидејќи тој „созреал“ во двете сезони во Ница.
Манчини ја има тешката задача да изгради нов тим на „аѕурите“ откако тие не успеаја да се квалификуваат на Светското првенство во Русија, и еден од првите потези ќе биде враќањето на Балотели во тимот првпат од СП во 2014 година.
„Поминаа четири години од нашата претходна средба и тој оттогаш созреа. Има деца и мислам дека тоа му помогна. Марио е поинаков тип на играч, кој беше фантастичен кога беше многу млад, но не успеа да остане на тоа ниво. Сѐ зависи од него. Последните две години беше добар и сега треба да продолжи така и да се однесува пристојно“, вели Манчини, кој немаше најдобри односи со Балотели кога двајцата беа во Манчестер сити.
Италија игра со Саудиска Арабија во понеделник во пријателски меч, и Манчини признава дека немаат талент како во минатото.
„Не сум магионичар, како никој тренер. Потребно ни е време, неколку натпревари не се доволни. Имавме период со неверојатни таленти во репрезентацијата, и тоа не е така сега. Но, мислам дека моите играчи, ако им ја дадеме довербата, можат да бидат многу, многу подобри“, додава Манчини.
Фото: ЕПА