Роберто Манчини вели дека е можно да стане следниот селектор на Италија, но дека за тоа прво треба да има нов претседател на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ).
„Аѕурите“ се без селектор откако беше отпуштен Џампјеро Вентура по неуспехот да се квалификуваат за Светското првенство во Русија по поразот во баражот од Шведска, а кратко подоцна си замина и претседателот на ФИГЦ, Карло Тавекио.
Поранешниот тренер на Манчестер сити и Интер, Манчини во моментов е тренер на Зенит Санкт Петербург и вели дека е задоволен на своето работно место.
„Пред да се избере селектор, мислам дека треба да има нов претседател на ФИГЦ. Но, не можам да исклучам во иднина да станам селектор. Мислам дека има и други заинтересирани. Моето искуство во Русија е добро. Започнавме добро, имавме лош период, но пролетниот дел го стартуваме на второто место и се надевам дека ќе ги стигнеме Локомотив“, вели 53-годишниот Манчини за „Медиасет“.
По 20 кола во првата лига, Зенит заостануваат осум поени зад Локомотив Москва, а во 1/16 финалето на Лигата на Европа следниот месец играат со шкотскиот шампион, Селтик.