Најпознатиот сенегалски фудбалер Садио Мане вели дека имал среќа што повторно беа подобри од репрезентацијата на неговиот соиграч од Ливерпул, Египет на Мохамед Салах, откако вторпат ги победија „фараоните“ на пенали за неколку месеци.
Мане го постигна одлучувачкиот гол во пенал-серијата во Дакар за да ги однесе „Лавовите од Теранга“ на Мундијалот во Катар во вторникот, откако Салах, Ахмед Сајед Зизо и Мостафа Мохамед утнаа пенали за Египет. Пред неколку месеци пак, на Африканскиот куп на нации во Камерун, Сенегал исто така победи на пенали за да го крене трофејот.
„Јас победив двапати, тој загуби двапати, така што имав среќа. Горд сум што успеавме да се квалификуваме за СП и да го освоиме Африканскиот куп на нации. Ова е остварување на мојот сон. Беше тешко за двете репрезентации. Фановите ни помогнаа и беа постојано зад нас“, изјави Мане.