Костас Манолас вели дека знаел дека Рома ќе ја исфрли Барселона од четврт-финалето на Лигата на шампионите бидејќи кога играат пред својата публика „никој не може“ да ги победи.
По поразот од 4:1 во првиот меч, малкумина им даваа шанса на фудбалерите на „волчицата“ да направат нешто повеќе против моќната Барса и Лео Меси, меѓутоа во неверојатниот меч на распродадениот „Олимпико“, Рома ја забележа можеби најголемата победа во европските натпреварувања во својата историја.
Човек на одлука беше грчкиот репрезентативец Манолас, кој по одличниот корнер на Турчинот Џенгиз Ундер го совлада Тер Штеген за делириум во италијанската престолнина и кревање на моралот по лошиот период за италијанскиот фудбал.
„Не ми е грижа дали јас ќе бидам во историјата. Најважно е тоа што Рома игра во полуфиналето на Лигата на шампионите откако го победи најдобриот клуб на светот, Барселона. Верувавме дека можеме да победиме и покрај тоа што загубивме со 4:1 во првиот натпревар. Таму не ни дадоа два пенали, но играта беше тука, а со нашата публика, никој не може да не победи. Рома може да биде најдобриот тим во Италија“, вели Манолас за „Медиасет“.
Рома нема примено гол во домашните натпревари во Европа оваа сезона!
Фото: ЕПА
Римска лекција за Барса – Рома со 3:0 влегува во полуфинале! (видео)