Диего Марадона вели дека целосно го разбира Лионел Меси и неговата одлука „привремено“ да се повлече од аргентинската репрезентација и да се фокусира на Барселона до крајот на сезоната, по катастрофата на Мундијалот во Русија.
Во интервју за спортскиот весник „Оле“, Марадона зборуваше за ситуацијата во Аргентинската фудбалска федерација (АФА), за Меси и за улогата на поранешниот селектор Хорхе Сампаоли.
„Дајте му време на Меси да дише, мала пауза. Јас му порачувам да игра во Европа, да не патува многу и да не дозволи да го искористат. Не треба да игра на пријателски меч само бидејќи Аргентина победува само со него“, изјави Марадона.
Легендата неодамна изјави дека е навреден што никој во Аргентина не помислил да го постави него во комбинација за селекторското место, а сега беше полн критики за АФА и за Сампаоли.
„Ако дома штедиш и не јадеш ниту леб, а потоа правиш забава за 15 луѓе, нормално дека нема смисла. АФА велат дека немаат пари, а му нудат 20 милиони на Сампаоли. Да морав јас да бирам, ќе го земев Флако Меноти. Диего Симеоне нема да се врати ниту за товар пари за да се вмеша во оваа мешаница, Покетино веќе заработува богатство во Тотенхем и ќе продолжи така. По нив, нема никој друг“, додава Марадона.