Top Sport

Марк Хјуз: Манчестер сити уште не се гиганти

Марк Хјуз, кој беше напаѓач на Манчестер јунајтед, но и тренер на Манчестер сити, вели дека Сити направиле „голем скок“, но дека уште не се глобална фудбалска елита како Барселона, Реал Мадрид и главните ривали Манчестер јунајтед.

Сити стигна фуриозно до титулата во Премиер лигата во 2017/18, но повторно не успеаја да направат нешто повеќе во Европа, откако Ливерпул ги победи во четврт-финалето на патот до големото финале во Киев. Хјуз, кој сега работи како менаџер на Саутемптон, вели дека треба да се изоди пат пред да се наречат фудбалска елита.

„Името Манчестер сити уште не ’ѕвони’ како Реал Мадрид, Барселона и Ман Јунајтед. Велам сѐ уште, бидејќи ако продолжат на ист начин, а ги имаат ресурсите за тоа, тогаш ќе станат голема сила во светскиот фудбал. Но, за тоа е потребно време, и ова е само почеток за нив“, вели Хјуз.

Тој беше тренер на Сити 18 месеци од јуни 2008 до декември 2009 година, пред да биде заменет со Роберто Манчини и сега признава дека тим со финансиска моќ може да гради фудбалска империја.

„Кога јас станав менаџер, Манчестер сити беа само тим од средината на Премиер лигата. Пред само осум години. Со ваков потенцијал за 10 или 15 години тие би можеле да бидат најдобрите на светот. Ако продолжат со титулите, тогаш ќе бидат клуб на оваа генерација, како Јунајтед и Ливерпил пред нив, и Челси и Арсенал измеѓу. Колку и да имаат пари, и тие изнесуваат само 11 играчи на теренот“, додава Хјуз.

Фото: ЕПА

Scroll to Top