Шпанскиот печат очигледно не може без Нејмар, иако тој си замина од Барселона летово. Според угледниот новинар на „Марка“, Маркос Лопес, Нејмар е толку очаен да се врати во Барса, што го молел тимот да го примат назад, а се обидувал да го направи тоа и пред да замине во ПСЖ летово.
Иако впечатокот беше дека токму Нејмар најмногу сакаше да замине од „Ноу Кам“ за француската престолнина, сега шпекулациите велат дека не само што тој е несреќен во Франција поради слабиот квалитет на лигата, туку смета дека тоа е под неговото ниво и сака да се врати во Барселона.
Според „Марка“, Нејмар плачел и барал од претседателот на Барса, Јосеп Марија Бартомеу да го спречи рекордниот трансфер во Франција (за 222 милиони евра), неколку дена пред тој да биде договорен.
„Неколку дена пред да го информира Лионел Меси дека си заминува, тој го збуни Жерард Пике на Твитер да објави: ’тој останува’ по интимните моменти со сите на ’Камп Ноу’. Според сведоците, тој двапати плачел во обид да го спречи договорот. Неговиот татко, Нејмар Сениор уживаше што синот му е во центарот на вниманието, на насловните страници на сите весници“, пишува Лопес.
Лопес тврди дека Нејмар ќе направи сè да го оствари кам-бекот по Светското првенство, иако останува да се види како на тоа ќе реагира раководството на Пари Сен-Жермен, кое е подготвено на речиси сè што ќе побара Бразилецот бидејќи во него гледаат начин да се крене профилот на клубот и да се стигне до титулата од Лигата на шампионите.
„Нејмар го разгалуваат во ПСЖ и тренерот Унаи Емери е негов личен чувар, кој ќе направи сè за Бразилецот да го крене ПСЖ. Планот е Нејмар да е центарот на тимот со Единсон Кавани како стрелец и Килијан Мбапе како млад талент. Претседателот на клубот, Насер ал Хелаифи во Нејмар го гледа најголемиот потенцијал на неговиот клуб“, вели Лопес.
Нешто што започна како неверојатна приказна (ПСЖ го купуваат Нејмар) во последните месеци ни даде доволно материјал за една поголема сага, од типот на „Војна и мир“. Останува да се види каде ќе однесат следните поглавја, бидејќи приказната дефинитивно не е завршена.