Top Sport

Марка: Погба сака само во Реал Мадрид, во Јунајтед не сакаат да слушнат

Пол Погба јасно ставил до знаење дека сака да го напушти Манчестер јунајтед и да се приклучи на Реал Мадрид, но славниот англиски клуб не сака да се откаже од неговите услуги, тврди „Марка“.

Агентот на Французинот, Мино Рајола, знае дека прво мора да ја реши иднината на Матијс де Лихт, пред да ја почне „сагата“ на ова лето со Погба. Зинедин Зидан не ја крие желбата да го види Погба во својот тим и Флорентино Перез е подготвен да го „отвори кесето“ и покрај огромното трошење ова лето, но проблем останува Јунајтед.

Погба по крајот на сезоната замина на кампања на „Адидас“ во Азија, докажувајќи дека неговата маркетиншка вредност е огромна, посебно во Јужна Кореја и Јапонија, и во Манчестер јунајтед размислуваат и на бизнис-страната во одлуката да го заддржат 26-годишниот Погба на „Олд Трафорд“ поради огромниот број на фанови во Азија на англискиот клуб.

Според „Марка“, семејството Глејзер веќе му порачало на Рајола воопшто да не размислува за трансфер и да не преговара со никого. Јунајтед имаат уште две години договор со фудбалерот од средниот ред.

Scroll to Top