Според „Марка“, шпанскиот весник познат по тесните врски со Реал Мадрид, европскиот шампион решил да се ослободи од Герет Бејл на крајот на сезоната.
Тој не беше дел од тимот кој играше со Пари Сен-Жермен во мега-дуелот во Лигата на шампиони, но и во мечевите од Ла лига против Реал Сосиедад и Леганес, со што јасно се става на знаење дека Зинедин Зидан не планира да му даде шанса покрај помладите играчи како Марко Асенсио и оваа ситуација најверојатно нема да се смени до крајот на сезоната.
Реал го купија Бејл од Тотенхем со надежи дека ќе стане „новиот Нејмар“, но кариерата на Велшанецот е одбележана со низа повреди и тој не можеше да го крене нивото на своја игра.
Според „Марка“ Бејл има неверојатни 25 повреди поради кои пропушти 78 натпревари откако дојде во Мадрид, или еден меч од можни три.
Агентот на Велшанецот, Џонатан Барнет изјави дека Бејл вреди исто колку и Нејмар (222 милиони евра), но во Шпанија не очекуваат да обезбедат толку голем профит за него, со сума од 90 милиони евра како горна граница.
Манчестер јунајтед беа сериозно заинтересирани за Бејл уште во текот на летото, кога мечот од Суперкупот на Европа во Скопје беше во сенка на можниот трансфер на Велшанецот.