Не е лесно да си тренер на Барселона, нешто за што најдобро можат да кажуваат Пеп Гвардиола и Луис Енрике, а сега според шпанскиот весник „Марка“ и Ернесто Валверде.
Според весникот, елиминацијата на Барселона од Рома во четврт-финалето на Лигата на шампионите не „поминала“ најдобро кај бордот на каталонскиот клуб, посебно кај претседателот Жорди Бартомеу. Мала утеха беше освојувањето на Кралскиот куп во саботата за да се намалат тензиите.
Сепак, Бартомеу смета дека тактиката на Валверде при поразот од 3:0 од Рома била апсолутно неадекватна за клуб како Барселона, иако лобистите на Валверде велат дека тој не добил доволно засилувања оваа сезона.
Бартомеу по победата во Купот одби да потврди дали поранешниот тренер на Атлетик Билбао ќе остане и следната сезона, неочекуван удар за 54-годишниот тренер. Сепак, „Марка“ не очекува Валверде да „потклекне“ под притисокот и да си замине на крајот на сезоната, а тешко е да се очекува дека бордот ќе гласа за отказ на тренерот кој ќе им донесе двојна титула во Шпанија.
„Марка“ додава дека Барселона е „уникатен клуб“, во кој работите можат да се сменат многу бргу, а фановите посебно ги загрижува фактот што во мечот против Селта првпат по долг период немаше ниту еден фудбалер кој поминал низ „Ла масија“, нивната школа.
Фото: ЕПА