Top Sport

Мароканците лути на судиите пред збогувањето од Мундијалот

Мароко денеска го играат последниот меч од Мундијалот, а нивниот француски селектор Ерв Ренар не штедеше зборови да ги нападне судиите пред дуелот со Шпанија.

Ренар уште е фокусиран на поразот од 1:0 од Португалија во средата, по кој тие станаа првиот тим кој беше елиминиран од шампионатот, и тој тврди дека неговата репрезентација е жртва на судењето.

„Неправедно е да бидеме во аут пред овие трети мечеви, но мораме да ја прифатиме реалноста и да се концентрираме за да ја одбраниме честа. Најтешко е да се играат вакви мечеви по кои знаеш дека си одиш дома. Се надевам дека ќе бидеме мотивирани поради неправдата која ни беше нанесена и тоа им го пренесов на моите фудбалери“, вели Ренар.

Ренар најмногу е лут на фаулот од Пепе над Халид Бутаиб кој отвори шанса Кристијано Роналдо да постигне гол уште во четвртата минута.

„Секако дека беше нефер. Имаше голем фаул од Пепе на првата статива и никој тоа не го виде. Пепе исто така играше со рака, а во иста ситуација Австралија доби пенал против Данска. Зошто има различни резултати во два натпревари?“, вели Ренар.

Фото: ЕПА

Scroll to Top