Top Sport

Мата: Сите знаеме што значи мечот Манчестер јунајтед-Ливерпул

Хуан Мата можеби е Шпанец, но добро знае дека дербито Манчестер јунајтед-Ливерпул е најголемиот меч во англискиот фудбал, иако неговиот менаџер Жозе Мурињо пред мечот изјавува дека иако мечот е „огромен“, за победа се добиваат три, а не десет поени.

„Тоа е дефинитивно најголемиот меч за двата клуба и најверојатно најголемиот меч во англискиот фудбал. Ривалството, историјата на двата клуба, атмосферата… Секој меч против Ливерпул е посебен, и кога ќе постигнеш убав гол или имаш добар меч, на тоа ќе се сеќаваат секогаш“, вели Мата.

Шпанскиот играч од средниот ред имаше едно големо дерби на „Енфилд“ во март 2015 година, кога постигна два гола, вклучувајќи го и фантастичниот гол со ножички.

„Ако ги прашате фановите кој е мојот најдобар момент во Јунајтед, сите ќе го кажат тој меч и посебно тој гол. Денот беше фантастичен за мене – да се игра на ’Енфилд’, да се постигнат два гола. Ливерпул имаат добар тим, сѐ им оди добро, посебно во нападот. Постигнуваат многу голови и мораме да бидеме подготвени за нив. Но, играме дома на ’Олд Трафорд’, каде што мораме да победиме“, вели Мата.

Дербито на програмата е денеска од 13.30 часот.

Scroll to Top