Немања Матиќ вели дека заврши времето за зборување и побара од водачите на Манчестер јунајтед најважното да го направат на теренот против Валенсија во вторник, додавајќи дека притисокот воопшто не влијае на него.
Тимот на Жозе Мурињо влегува во дуелот од Лигата на шампионите со три меча без победа и само четири победи во девет натпревари оваа сезона, зголемувајќи го притисокот на Мурињо, но и на фудбалерите како Пол Погба по конфликтот со Португалецот и слабите перформанси. Матиќ вели дека со зборување не се решава ништо.
„Не мислам дека нешто ќе се реши со зборување. Лидерите треба да бидат таму на теренот. Лидерите се фудбалерите на кои не им е страв да играат. Ќе видиме утре и во следните мечеви кои се тие. Колку и да зборуваш во соблекувалната, тоа е џабе. Најважното е на теренот“, вели Матиќ.
Србинот вели дека сите во клубот се професионалци и се справуваат со притисокот, иако претходната изјава може да изгледа како критика кон Пол Погба.
„Притисокот секогаш е тука, и јас секогаш сум играл под притисок исто како моите соиграчи. Не сме исплашени. Играме фудбал и сакаме да победуваме, и знаеме дека сите сакаат да го победуваат Манчестер јунајтед. Мораме да бидеме подготвени за тоа, бидејќи не бевме во последните неколку натпревари“, вели Матиќ.
Фото: ЕПА