Манчестер јунјатед покажаа борбен дух во 3:2 победата над Кристал палас во понеделникот, но Немања Матиќ предупредува дека за победа над Ливерпул на „Олд Трафорд“ овој викенд е потребно многу повеќе.
Матиќ го постигна првиот гол во дресот на Јунајтед со одличен волеј удар по истекот на регуларниот дел, за Јунајтед да се вратат на второто место пред Ливерпул пред мега-дербито.
„Мораме да направиме многу повеќе ако сакаме да победиме, бидејќи Ливерпул е квалитетен клуб. Мораме да бидеме подобри, но со истиот карактер како во мечот со Палас. Добро е да се победи меч пред дербито со Ливерпул“, вели Матиќ.
Бидејќи Манчестер сити е практично недостижен и е блиску до третата титула во последните седум години, фокусот во Јунајтед се префрли на борба за пласман во Лигата на шампионите, и директниот дуел со Ливерпул за второто место. Јунајтед имаат 62 поени, два повеќе од Ливерпул на девет натпревари пред крајот на сезоната.
Двата тима исто така се борат за европска слава – Ливерпул веќе го мина Порто за пласман во четврт-финалето на Лигата на шампионите, додека Јунајтед следната недела играат со Севилја дома откако во првиот меч одиграа 0:0.