Top Sport

Мбапе им се јавил на браќата Погба да објаснат за „клетвата“

Ѕвездата на француската репрезентација и на Пари Сен-Жермен, Килијан Мбапе контактирал со двајцата браќа, Пол и Матијас Погба за да дознае зошто тој е вмешан во скандалот со „вештерството“ и семејните несогласувања, тврдат француските медиуми.

Матијас Погба, постариот брат на ѕвездата на Јувентус, Пол Погба, во текот на минатиот викенд објави видео во кое вети „големи откритија“ за неговиот брат, за неговата агентка Рафаела Пимента и за Мбапе. Пол Погба на ова одговори дека неговиот брат го уценува за пари, по што Матијас на Твитер изјави дека неговиот брат најмил вештерка од западна Африка за да му фрли „клетва“ на 23-годишниот Мбапе. Подоцна, од Франција дојдоа вести дека Погба навистина контактирал со „вештерот“ Марабу, но дека магијата била само за тој да не се повреди.

Според француските медиуми, ова не поминало незабележано кај Мбапе, кој побарал објаснување за ситуацијата и сакал да ги слушне двете страни, а со интерес ситуацијата ја следи и селекторот Дидие Дешам.

Scroll to Top