Килијан Мбапе вчера со Франција ја освои светската титула, а денес покажа дека покрај огромниот талент има и „големо срце“. 19-годишниот фудбалер кој е прогласен за најдобар млад играч на СП, решил наградата што ќе ја добие за освојување на титулата, да ја донира во добротворни цели.
Според проценките што ги направија Французите, Мбапе, за освојувањето на титулата ќе добие околу 550.000 евра. Тој решил парите да ги донира на организацијата „Премиер де корде“, која им помага на хоспитализираните деца и на децата со посебни потреби, без надомест да можат да уживаат во фудбалот и останатите спортови.
Откако се консултирал со своите најблиски, Мбапе заклучил дека сумата што ја заработил со освојувањето на светското првенство повеќе ќе им помогне на другите.
„Килијан е прекрасна личност. Секогаш кога има време тој доаѓа и се дружи со децата. Има створено исклучителен однос со нив“, рекол Себастијан Руфан, генерален менаџер на организацијата на која и помага Мбапе.