И покрај тоа што дојде во Пари-Сен Жермен оваа сезона, надежта на францускиот фудбал, Килијан Мбапе посочи дека можеби престолнината нема долго да го гледа него, признавајќи дека за две сезони може да биде во друг клуб.
Тинејџерот блесна минатата сезона кога со Монако стигна до Лига 1 титулата и до полуфиналето на Лигата на шампиони, постигнувајќи 26 гола во 44 меча. Ова ги убеди ПСЖ да го донесат на „Паркот на принцовите“ првично на заем, а потоа за сума од 180 милиони евра да го откупат неговиот договор на лето.
Се очекува Мбапе да биде клучниот играч на „триколорите“ на Светското првенство во 2017 година, и 18-годишниот фудбалер вели дека не знае што да очекува следно во кариерата.
„Имав некои планови, но бидејќи ништо не се случи како што планирав, тешко е да се прават проекции. Сега сум многу подобар од пред неколку месеци. Каде ќе бидам за две години? Искрено, не знам“, вели Мбапе во интервју за „Франс фудбал“.
Иако уште е тинејџер, Мбапе е сигурен дека цел живот ќе биде посветен на фудбалот, планирајќи тренерска кариера уште сега.
„На крајот на кариерата сигурен сум дека ќе станам тренер. Ќе биде многу брутално да се сопре веднаш. Би сакал да почнам со тимовите со кои играв – Монако и Париз“, додава Мбапе.