Фудбалската репрезентација на Хрватска, утре во Далас ќе одигра пријателски натпревар против Мексико. Селекторот Златко Далиќ од оврските за овој натпревари ги ослободи најголемите ѕвезди: Лука Модриќ, Иван Перишиќ, Марио Манџукиќ, Марсело Брозовиќ, Даниел Шубашиќ и Никола Калиниќ.
Овие фудбалери играа во саботата, на натпреварот против Перу, на кој Хрватска, во мајами, беше поразена 0:2.
Одлуката на Далиќ без овие шестмина да им се спротивстави на Мексико, го налутила неговиот колега од спротивната страна Хуан Карлос Осорио.
„Не знам зошто Хрватска ги вратила тие играчи во клубовите, а немаат аргументи за тоа. Мислам дека организаторите на ваквите натпревари, во иднина мора да направат нешто и во договорите да стават одредби со кои репрезентациите ќе бидат обврзани да играат во најсилните состави. Зошто тогаш вакви натпревари доколку не играат најдобрите? Сакаме против најдобрите да се подготвуваме за Светското првенство“, рекол Осорио.
Мексико, во саботата, го победи Исланд со 3:0, а Осорио на клупата ги остави најдобрите играчи, за тие да бидат подготвени тукму за натпреварот со Хрватска.