Дефанзивецот на Севилја, Габриел Меркадо вели дека нема да може да се појави во Аргентина ако игра грубо против Лионел меси во финалето на Кралскиот куп против Барселона.
Тимот на Винченцо Монтела ќе се судри со Блауграна на „Ванда метрополитано“ во сабота во реприза од финалето од пред две години, кога Каталонците победија со 2:0. Севилја беа блиску да станат првиот тим кој ја победил Барса во Ла лига откако водеа со 2:0, но Меси, кој влезе како замена во драматичен меч израмни на 2:2.
Меркадо признава дека нема да има многу начини на кои може да го сопре неговиот аргентински сонародник, бидејќи ако биде прегруб ќе го навлече бес на аргентинските навивачи.
„Ако го смачкам, нема да можам да се вратам во Аргентина! Не можеш да го сопреш Меси со фаули, бидејќи ќе му направиш еден фаул и тој ќе стане и ќе продолжи да игра. Неговата единствена мисла на теренот е како да му наштети на противникот и да постигне гол. Без сомнеж, тој е најдобриот на светот и го дава срцето за своите соиграчи – постигнува голови, асистира… Ќе мораме да играме совршено за да го освоиме Купот“, признава Меркадо во интервју за „Ас“.
Меси има 39 гола во 49 натпревари оваа сезона, и е најдобар на листата на голови (29) и асистенции (12) во шпанската лига.
Фото: ЕПА