Лионел Меси, најдобриот фудбалер во историјата на Барселона, на крајот од сезоната ќе реши каде ќе ја продолжи кариерата. Во интервјуто за „Ла Секста“, тој не ја исклучува можноста да остане во клубот. Меси, во финишот на преодниот рок побара трансфер, кој клубот не му го овозможи.
„Шест месеци на претседателот му зборував дека сакам да заминам, побарав помош од него. Никогаш не ми помогна. Ми велеше да бидам сериозен и по официјален пат да побарам трансфер“.
Аргентинецот открил дека неколку години имал несогласувања со поранешниот претседател Џозеп Марија Бартомеу, бил фрустран по поразот од Баерн, во Лигата на шампионите (8:2) поради што побарал тренсфер.
„За неколку работи бев измамен од Бартомеу. Последната сезона беше тешка, иако и претходните беа тешки поради елиминациите од Лигата на шампионите. Знам дека ќе ги добиев на суд, неколку адвокати ми го кажаа тоа. Но не сакав со клубот кој ми даде се да се влечам по судовите. Ми беше многу тешко. требаше да одам на психијатар, сопругата Антонела неколку пати ми го кажа тоа, но јас тешко се „отворам“ пред други луѓе“.
Меси рекол дека клубот се наоѓа во тешка ситуација и дека ќе биде тешко да се врати на врвот. Во врска со претседателските избори во клубот, закажани за 24.јануари, рекол дека нема да поддржи ниту еден од кандидатите.
„Нека победи најдобриот кандидат. Кој и да биде избран ќе биде во тешка ситуација. Ќе му биде тешко да реализира трансфери. Потребни се пари кои клубот ги нема. Потребни ни се неколку искусни фудбалери за да можеме да се бориме за титулите“, заклучил играчот кој за Барселона постигнал 644 голови.