Селекторот на Иран Карлос Кеирош шегувајќи се рекол дека ФИФА треба да го суспендира Лионел Меси се „додека не се докаже дека Аргентинецот навистина е човек“.
Иран ова лето ќе биде дел од Мундијалот во Русија, а во Б-групата ќе игра против Португалија, Шпанија и Мароко.
Кеирош се потсетил на натпреварот Иран-Аргентина на СП во 2014 година кога Меси во судиското надополнување на времето го постигна голот за победа.
„Секогаш сум говорел дека Меси е исклучителен фудбалер. Тој не е од оваа планета. Да е човек не би го имал тој волшебен момент. Не сакам кога губам, но по тој пораз немав негативни чувства. Кога ќе се случи нешто волшебно тогаш знаеш дека фудбалот е жив“, изјавил Кеирош за официјалната интернет страница на ФИФА.
„Ситуацијата е значајна и посебна бидејќи доаѓа од фудбалер на кого ФИФА не би требало да му дозволи да игра се додека не се докажа дека навистина е човек“, низ шега рекол Португалецот.