Top Sport

Меси го „збудале“ Куртоа и го исфрли Челси (видео)

Лео Меси пред двомечот со Челси немаше постигнато гол против актуелниот англиски шампион, а сега може да се пофали дека има три гола во два меча, откако на „Ноу Камп“, Барселона стигна до 3:0 победа и пласман во четврт-финалето на Лигата на шампионите.

По првите 90 минути во Лондон, резултатот беше 1:1 и Челси дојде во Каталонија да се надигрува, пред уште во третата минута да добие студен туш – Меси ја искористи лошата проценка на одбраната на „сините“, и му ја протна топката низ нозе на Тибо Куртоа за водство од 1:0.

Иако имаа неколку шанси, Челси веќе имаа речиси невозможна мисија кога во 20-тата минута Усман Дембеле по асистенција на Меси го зголеми водството на 2:0. Сепак, двомечот уште беше во игра и Челси реши да влезе храбро и да „брка“ еден гол со кој работите ќе беа поинакви – 2:2 резултат ќе ги носеше гостите во четврт-финале. Маркос Алонсо во 37. минута имаше одличен обид, а во финишот на полувремето од слободен удар ја погоди надворешната страна на дирекот.

На почетокот на второто полувреме, играчите на Челси бараа пенал кога Оливие Жиру беше соборен од Жерар Пике во шестнаесетникот, но судијата одлучи да му даде жолт картон на францускиот напаѓач за коментирање.

Андре Гомеш во 61. минута доби неочекувана шанса за настап по повредата на Серхио Бускетс, откако тој во драматично интервју се жалеше на состојбата во која се наоѓа во Блауграна.

Во 63. минута, Меси стави крај на сите надежи за хероизам на Челси на „Ноу Камп“, откако успеа да извлече тројца дефанзивци по него и повторно да му ја „протне“ топката низ нозе на Тибо Куртоа за прослава на својот јубилеен 100. гол во Лигата на шампионите.

По Манчестер јунајтед и Тотенхем, Челси е третиот англиски тим кој „паѓа“ во осминафиналето, оставајќи ги Ливерпул и Манчестер сити во игра, додека Барселона се приклучува на Реал Мадрид и на Севилја меѓу најдобрите осум. Ждрепката е в петок.

Фото: ЕПА

ЧЕТВРТФИНАЛИСТИ ВО ЛШ

Барселона (Шпа)

Реал Мадрид (Шпа)

Севилја (Шпа)

Јувентус (Ита)

Рома (Ита)

Манчестер сити (Анг)

Ливерпул (Анг)

Баерн Минхен (Гер)

Scroll to Top