И покрај тоа што доминираат во клупскиот фудбал повеќе од десеет години, Лионел Меси и Кристијано Роналдо не се фудбалерите на кои можеш да се потпреш кога се работи за нокаут фазата на Мундијалите.
Аргентина и Португалија денеска ќе се надеваат дека оваа „традиција“ нема да се продолжи во осминафиналето на СП во Русија. Аргентина во 16 часот има вистински предизвик против моќната Франција, а потоа во 20 часот, Португалија ќе се обиде да го помине незгодниот Уругвај.
Меси и Роналдо го играат своето четврто Светско првенство, по тие во 2006, 2010 и 2014 година, но досега немаат постигнато гол во нокаут фазата на едно СП.
Меси дебитираше на СП во Германија пред 12 години и постигна гол против Србија и Црна Гора, но Аргентина загуби во четврт-финалето од домаќините. Во 2010 година, тој воопшто не постигна гол на турнирот, а Аргентина повторно загуби од Германија, овојпат во четврт-финалето. На крајот, пред четири години, четирите голови тој ги постигна во групната фаза (против БиХ, Иран и Нигерија), но Аргентина загуби во финалето, повторно од Германија.
Вкупно, Меси има 6 гола во 18 настапи на Мундијалот.
Роналдо не е нешто подобар. Досега, тој постигна четири гола (од петте на Португалија) – хет-трик против Шпанија (3:3 реми) и гол против Мароко (1:0).
Пред овој турнир, 33-годишната ѕвезда на Реал Мадрид има само три гола на СП – во групната фаза против Иран (пенал во 2006), против Северна Кореја (2010) и против Гана (2014). Сепак, тој може да се пофали дека го постигна победничкиот гол во пенал-серијата против Англија во Германија во 2006 година.
Роналдо има седум гола во 16 настапи на СП.