Top Sport

Меси ѝ поставил ултиматум на Барселона

Лионел Меси, најдобриот фудбалер во светот, како што пишуваат шпанските медиуми, поради јавните несогласувања што ги имаше со спортскиот директор Ерик Абидал му поставил ултиматум на клубот.

Меси, на почетокот на неделава, преку социјалните мрежи му одговори на Абидал кој рекол дека играчите не се труделе доволно и дека тие ја иницирале смената на Ернесто Валверде.

Напнатоста се обидел да ја реши претседателот Хосе Марија Бартомеу, но не успеал да ги смири страстите и по состанокот што го одржал со Меси и Абидал во средата. Аргентинецот бил незадоволен бидејќи Абидал ја добил поддршкаа од претседателот, тврди „Ел Чирингито ТВ“.

Наводно Меси сакал нови избори во клубот, односно смена на Бартомеу и Абидал. Се надевал дека потоа новиот претседател за нов тренер ќе го назначел неговиот добар пријател Чави Ернандес.

Тиражниот „Ел Паис“ тврди дека атмосферата во соблекувалната на Барселона е далеку од идеалната. Меси не бил во добри односи со Џерар Пике, му недостигал неговиот најдобар пријател Луис Суарез, а на еден од последните тренинзи имал жестока расправија со голманот Марк-Андре тер Штеген.

Инаку, германскиот голман, пред еден месец јавно кажа дека односите во тимот не се добри.

Меси во својот договор имал клаузула според која може да замине од Барселона по завршувањето на оваа сезона. Шпанците пишуваат дека тој би можел да ја искористи опцијата да стане слободен играч доколку не помине неговиот ултиматум.

Расплетот во Барселона и ситуацијата со Аргентинецот внимателно ја следат неколку европски великани – Јувентус, Пари Сен Жермен, Манчестер сити, Манчестер Јунајтед и Интер.

Scroll to Top