Лионел Меси признава дека не верува дека некогаш ќе биде пријател со својот голем ривал Кристијано Роналдо. Аргентинецот и Португалецот доминираат со насловите во светскиот фудбал веќе 10 години, и Меси очекува да остане така и во блиска иднина.
Неодамна, Роналдо изјави дека не би било невозможно по крајот на славните кариери, тие двајца да бидат поблиски, бидејќи јавно тие никогаш не покажувале презир и не ги поминувале границите на спортското ривалство, и покрај настапите за „непријателите“ Реал Мадрид и Барселона.
„Не знам дали би биле пријатели во иднина. Пријателството се гради со тоа што ќе поминуваш време заедно и ќе се запознаеш подобро. Ние двајца немаме односи, најмногу бидејќи се гледаме само на доделувањето на наградите, односно само тогаш зборуваме. Сè е во ред, немаме проблеми еден со друг, но нашите животи не се вкрстуваат толку често“, изјави Меси во интервју за магазинот „Ворлд сокер“.
Неодамна своја оценка за вечното ривалство Роналдо-Меси даде фудбалерот на ПСЖ, Анхел ди Марија, кој ја имал честа да игра со двајцата.
„Меси секогаш е најдобар, секоја година. Кристијано е посебен играч, но Меси не е од Земјата. Нема зборови да го опишете“, изјави Ди Марија.