Неколку играчи на Барселона во својата кариера имале посебна чест – да добијат аплаузи на „Сантијаго Бернабеу“ за играта покажана во „Ел Класико“, но не и Лионел Меси.
Пред 12 години, дел од фановите на Реал Мадрид му аплаудираа на брилијантниот Роналдињо, кога тој постигна два гола во 3:0 победата во ноември 2005. Ова беше трета посета на Бразилецот на „Бернабеу“ и втора победа, откако му асистираше на Чави за 2:1 победа.
Во 1980-тите, мадридистите исто така му аплаудираа на Диего Марадона, додека многу од фановите на Реал, исто така застанаа во почит на Андрес Иниеста во 2015 година, кога тој беше заменет при 4:0 победата на тимот на Луис Енрике.
Меси имал многу одлични вечери на „Бернабеу“. Тој постигна два гола во полуфиналето од Лигата на шампиони во 2011 година, хет-трик при 4:3 победата во 2014 година, и фантастичен гол минатата сезона за победа, по која дојде славната прослава со дресот пред публиката на „Бернабеу“.
Вкупно, Меси има 12 меча на гости во Мадрид, со седум победи, едно реми и само четири порази, скор кој беше речиси невозможен во периодот до 2004 година, кога Барса седум сезони немаше победа до победата благодарение на Чави.
Токму поради доминацијата на Барселона под Пеп Гвардиола, Меси можеби не успеа да ги „загрее“ фудбалските фанови во Мадрид, а можеби се работи и за големото ривалство со Кристијано Роналдо, кое беше „зачинето“ во ерата на Жозе Мурињо. Затоа е тешко да се очекува дека што и да направи Аргентинецот во сабота, тешко дека тоа ќе биде проследено со аплаузи.