Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ инситира дека Јувентус уште се убедливо најдобриот тим во Серија А, но се согласува дека Аталанта целосно го заслужиле своето место во Лигата на шампионите и покрај критиките од претседателот на Јуве, Андреа Ањели.
Последниот меч во Серија А пред паузата поради корона вирусот беше дербито меѓу Јувентус и Интер, кое тимот од Торино го доби 2:0 и Михајловиќ вели дека тоа ја покажува разликата во квалитет меѓу тимовите.
„Јувентус се уште најдобри од сите и во вакви мечеви ретко не успеваат. Го видовме тоа повторно. Интер купија многу фудбалери, но уште се зад нив. Разликата е огромна, иако и Лацио покажа одлична игра“, вели 51-годишниот Србин.
За него, Манчестер сити се глави фаворити за титулата од Лигата на шампионите, а Ливерпул едноставно „морале“ да потфрлат.
„Јирген Клоп мораше да се сопне, порано или подоцна, тоа е законот на големите бројки. Одиграа неповторлива домашна лига, но тешко се игра против Атлетико на Диего Симеоне. За Аталанта, нема сомнеж дека заслужуваат да се во четврт-финалето, па им дадоа осум гола на Валенсија. Сепак, фаворит засега е Манчестер сити“, додава Миха.