Фудбалскиот клуб Милан е далеку од местата што носат пласман во Лигата на шампионите. Бодовниот минус во однос на конкурентите во овој дел од сезоната е таков што малкумина веруваат дека тимот може да се врати во трката за пласман на една од првите четири позиции во Серија А.
Милан доби нов сопственик, во летниот преоден рок во засилувањата беа вложени речиси 200 милиони евра, но работите на терен не одат според планот на клупските челници и тренерот Монтела.
Незадоволни од неубедливите партии се навивачите, кои денес се соочија со нов шок по текстот што го објави „Њујорк тајмс“, во кој весникот тврди дека сопственикот Ли Јонхонг е измамник.
Ли од Силвио Берлускони го купи Милан за сума од 750 милиони евра. Според весникот, повеќето од парите со кои го купил клубот Ли ги позајмил од американскиот инвестициски фонд „Елиот фонд“. Овој фонд е познат како грабливец бидејќи позајмува пари со огромни камати.
Новинари на весникот биле во Кина каде што само ги потврдиле зборовите на селекторот на фудбалската репрезентација на Кина, Марчело Липи, дека никој од кинеските бизнисмени нема слушнато се „Јонг Ли“, ниту за рудниците кои се извор на неговото богатство. Исто така, просториите на неговата компабија биле празни бидејќи не ја платил закупнината. На телефоните во компанијата се јавила жена, која тврдела дека нема ништо со таа компанија.
„Њујорк тајмс“ открива дека пред една деценија поради измама тешка 57 милиони евра, таткото и братот на Ли добиле затворски казни, но тој успеал да се извлече.
Ситуацијата во која се наоѓа Милан не дава надеж за оптимизам, а клубот може да се најде и на удар на УЕФА, која не го прифатила предлогот на клубот финансискиот ферплеј да биде орочен на четири години.
Шпанскиот весник „Марка“ објави дека Милан минатиот месец поднел документација и ги доставил плановите за четиригодишен период, кои биле целосно нереални.
Доколку во ова има вистина, следниот чекор на ФИФА треба да биде најмалку едногодишна суспензија за клубот од европските клубови, која би била испратена со соодветна парична казна.