Милан денеска и официјално потврди дека го доведе 23-годишниот напаѓач Ноа Окафор од Ред Бул Салцбург. Италијанскиот гигант за Окафор му плати 15 милиони евра обештетување на најдобриот клуб во Австрија. Овој швајцарски репрезентативец потпиша договор до 2028 година. Тој ќе го носи дресот со број „17“.
Окафор е шестата аквизиција на Милан ова лето. Претходно во клубот пристигнаа Кристијан Пулишиќ, Рубен Лофтус-Чик, Тијани Рајндерс, Марко Спортиело и Лука Ромеро. Многу блиску е и трансферот на Самуел Чуквуезе од Вилјареал кој Милан треба да го чини околу 30 милиони евра.
Швајцарскиот фудбалер ќе дели минутажа со Оливие Жиру на позицијата централен напаѓач, но има шанса да игра и како едно од крилата, способен е да ја покрие таа позиција на двете страни од теренот. Тој веднаш ќе се приклучи на тимот на Милан на американската турнеја. Таму италијанскиот клуб како дел од подготовките ќе одигра натпревари против Јувентус, Реал Мадрид и Барселона.
Окафор е фудбалер кој Салцбург го доведе од Базел во 2020 година за 11 милиони евра како замена за Ерлинг Халанд, кого непосредно претходно го продаде на Борусија Дортмунд. Тој постигна 34 гола на 110 натпревари за Салцбург, вклучувајќи го и еден против Милан во групната фаза од Лигата на шампионите минатата сезона.