„Скај Спорт Италија“, вечерва објави дека Милан и Атлетико Мадрид се договориле околу трансферот на Аргентинецот Анхел Кореа. Истиот извор наведува дека спортскиот директор на Милан, Звонимир Бобан, од вчера е во Мадрид каде ги договорил условите под кои ќе биде реализиран трансферот.
Атлетико на почетокот барале 55 милиони евра за 24 годишниот Агентинец, а Бобан во името на клубот понудил десет милиони помалку. „Скај Спорт Италија“ објави дека клубовите постигнале договор Милан да плати 50 милиони евра и уште дополнителни седум низ бонуси.
За да ги обезбеди парите за трансферот на Кореа, Милан ќе продаде двајца играчи. Еден веќе замина, тоа е Андре Силва. Монако за Португалецот платил 30 милиони евра. Следниот што ќе си оди е Патрик Кутроне.
Кореа е играч на Атлетико од 2015 година кога за сума од 7,5 милиони евра пристигна од Сан Лоренцо. Минатата сезона одиграл 49 натпревари и постигнал пет гола.